Содржина
Продолжува приказната за делфинката Винтер, чие чудесно спасување и оздравување го инспирираа филмот „Делфинска приказна“. Тимот луѓе кој го спаси животот на Винтер повторно се здружи за да ѝ најде партнер.
Поминаа неколку години откако младиот Соер Нелсон и посветениот тим на болницата за морски животни „Клирвотер“, предводена од д-р Клеј Хаскет, ја спасија Винтер. Со помош од д-р Камерон Мекарти кој разви уникатна протетичка опашка за повредената делфинка, тие успеаа да го спасат нејзиниот живот. Сепак, нивната борба не е завршена. Сурогат-мајката на Винтер, старата делфинка Панама, починува, оставајќи ја Винтер без единствениот другар во базенот. Сепак, загубата на Панама може да има уште поголеми последици за Винтер која, според регулативите, не смее да биде сместена сама во базенот затоа што делфините се друштвени животни и треба да бидат спојувани со други делфини. Времето истекува за да се најде придружник за неа пред да мора тимот во „Клирвотер“ да ја препушти саканата Винтер на друг аквариум.