Синопсис
Филмот е инспириран од вистински случувања во Македонија за време на бугарската окупација во Втората светска војна, а премиерно беше изведен на 15 септември 2012 година на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” во Битола. „Трето полувреме” е приказна за неколку луѓе коишто ги сплотува најважната споредна работа на светот - фудбалот, во најтурбулентното време во историјата на светот - Втората светска војна. Во филмот се прикажани играчите на ФК Македонија и нивниот германско-еврејски тренер Рудолф Шпиц, кој ги води по патот кон титулата шампион на нацистичката фудбалска лига. Основачот на клубот, Димитрија треба да избере меѓу неговата љубов кон новиот тим и лојалноста кон новиот поредок. Коста, најдобриот напаѓач во тимот е познат шверцер кој се вљубува во една убава и богата девојка. Ребека е Еврејка, која прифаќа да живее со фудбалер во својата малечка соба. И на крајот, филмот е приказна за фудбалот, игра која во тие бурни времиња е повеќе од игра: Таа e бојно поле меѓу доброто и злото!