Берлин во лудите 1920-ти е метропола за талентираните и амбициозните. Но, зад блескавата површина, осиромашените маси се стремат кон подобар живот. Тоа е време на организиран криминал и на политички екстремизам.
„Вавилон Берлин“, пролетта 1929 година, метрополата врие. Од економијата до културата и од политиката до подземјето, сѐ е во процес на радикални промени. Шпекулациите и инфлацијата веќе ги поткопуваат основите на сѐ уште младата Вајмарска Република. Сѐ поголемата сиромаштија и невработеноста се во голема спротивставеност со декаденцијата на ноќниот живот во градот и со вишокот на креативна енергија. Гереон Рат е млад полициски инспектор од Келн. Тој е префрлен во Берлин за да се реши криминалниот случај со порнографскиот синџир што го води берлинската мафија. Тоа што на прв поглед личи на едноставен случај со изнудување, наскоро се прикажува како скандал што засекогаш ќе ги смени животите на Гереон и на неговите соработници. Заедно со стенографката Шарлот Ритер и со неговиот пријател Бруно Волтер, Рат е соочен со мрежа на корупција, како и со трговија со дрога и со шверц на оружје, што го присилуваат да влезе во егзистенцијален конфликт додека е растргнат помеѓу својата лојалност и вистината. А ние постојано се прашуваме, кој во приказнава е пријател, а кој непријател.