Содржина
Омилената мечка што краде кошници пристигнува на големиот екран во филмот „Мечката Јоги“, авантура која е комбинација од жива акција со компјутерска анимација. Јоги отсекогаш се потпирал на својот итар ум и на брзите нозе за да биде еден чекор пред иритираните кампери и додека го избегнува својот долгогодишен противник, ренџерот Смит. Но тој и Бу-Бу тукушто ќе се соочат со ситуација која е полоша од сè во што Јоги ги има вплеткано... паркот Џелистоун се продава! За да го покрие своето лошо финансиско работење со градските фондови и за да ја поттикне својата изборна кампања, градоначалникот Браун планира да ѝ го продаде паркот на дрвната индустрија. Семејствата повеќе не ќе можат да ја доживуваат природната убавина што Џелистоун отсекогаш им ја давал, а уште полошо е што Јоги, Бу-Бу и сите нивни пријатели ќе бидат исфрлени од единствениот дом за кој знаат. Соочен со најголемиот предизвик, Јоги мора да докаже дека е навистина „попаметен од просечната мечка“, додека тој и Бу-Бу ги здружуваат силите со ренџерот Смит за да најдат начин да го спасат паркот да не се затвори засекогаш.